Претходна статија
Нов рудник за катоден бакар во Казандол, Валандовско
Следна статија
Автопатот Демир Капија - Смоквица ќе доцни девет месеци

Законот за просторно и урбанистичко планирање претворен во салата!

Објавено на 25.08.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонското собрание на денешната седница по шести пат за само три години по скратена постапка донесе нови измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање. Општинските совети и Советот на град Скопје ќе можат со одлука да ја определуваат намената на градежното земјиште во крајбрежен појас согласно стекнатите права со претходни урбанистички планови, вклучувајќи ги атрактивните локации крај реката Вардар во Скопје, Охрид и во другите македонски градови. Планската програма за урбанистичка и локална планска документација за општините ќе може да се изготвува од комисиите за урбанизам, но и од правни лица со лиценци за работа.

 

 

По барање на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, поднесен и усвоен е амандман за менување на членот 13. Со овој член се додаваат два нови става во членот 84 од законот. „Наменската употреба на земјиштето во крајбрежниот појас се утврдува со одлука на советот на општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје, а согласност стекнатите права со претходни урбанистички планови, урбанистички документации за населени места и општи акти или постоен градежен фонд со утврден правен статус“ се вели во новиот став 3.

 

Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека законските измени се прават на барање на граѓаните и дека со нив се поедноставуваат постапките за измени на генералните урбанистички планови. Пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ посочи дека социјалдемократите се против донесување на измените на Законот за просторно и урбанистичко планирање. „Овој предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање не можеме да го прифатиме и сме против, затоа што повторно се остава простор за злоупотреба за градежните парцели“ посочи Тунтев.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk