Претходна статија
Луксузна населба ќе го голтне Студенчишко блато во Охрид
Следна статија
Охридското пристаниште ќе се поврзува со Канео преку нова патека

Загадувањето од термоелектраните не чини 8,5 милиони евра годишно

Објавено на 29.09.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Од буџетот на нашате земја се одвојуваат по 8,5 милиони евра годишно за надминување на последиците по здравјето на граѓаните од загадувањето на воздухот на македонските термоелектрани, кое се јавува како последица на согорувањето на јагленот при производството на електрична енергија. До овие резултати дојде Центарот за истражување и информирање „Еко – свест“, кој денеска ги обелодени податоците од нивната нова студија со наслов „Здравствените влијанија од согорувањето на јаглен во термоелектраните“. Животот на македонските граѓани во 2012 година бил скратен за 234 години, и тоа ако се земе во предвид само едногодишното работење на двата енергетски објекти „РЕК Битола“ и „РЕК Осломеј“.

 

Од „Еко – свест“ потенцираат дека при изработката на студијата се потпреле на моделот „Екосенс“ на Универзитетот во Штудгарт, кој ги зема во предвид официјалните податоци за загадувањето и ги пресметува како претпоставени трошоци во здравствениот сектор, прилагодени на овдешните услови. Ако се вложи во модернизација на македонските термоелектрани и истите се усогласат со европските директиви, тогаш земјава би заштедила 215 загубени години живот или 4,7 милиони евра од државниот буџет би се користеле за други намени. Покрај од финансиски аспект, студијата покажува дека во кичевскиот и во битолскиот регион има голем број на заболени лица од карцином или од некоја од респираторните болести.

 

Невладиниот сектор очекува да се забрзаат ветените инвестиции во енергетскиот сектор, првенствено на префрлањето на термоелектраната „Осломеј“ во гасна електрана и зголемувањето на користење на обновливите извори на енергија во земјава. Во таа насока, Македонија ќе мора да прифати стриктни задолженија во однос на процентот на учество на зелената енергија во вкупното национално производство на електрична енергија, но и ќе се соочи со опасноста од затворање на оние енергетски објекти што не ги почитуваат европските директиви за максимално дозволените емисии на штетни материи од термоелектраните.

 

За таа цел, Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) во 2012 година подигна кредит за ревитализација и модернизација на РЕК „Битола“, но и ги активираше проектите за префрлање на термоелектраната „Осломеј“ на гас. Како и да е, до денешен ден ваквите потези на ЕЛЕМ не вродиле со целосно реализирање на овие капитални зафати.