Македонија и Србија се подготвени веќе наредната година да ја започнат изградбата на заедничкиот граничен премин во Табановце. Ова е резултатот од денешната средба на вицепремиерот Кочо Анѓушев со потпретседателката на српската влада Зорана Михајловиќ. Со постигнатиот договор ќе се олеснат постапките за пренос на стока и патници во железничкиот сообраќај меѓу двете земји. Оваа идна станица би се финансирала заеднички, при што дел од неопходните средства би се побарале и од фондот за инвестиции од Западен Балкан.
*Транзитните возови во иднина би чекале многу помалку за царинење на стоката на Коридорот 10
Изработката на проектот и техничката документација веќе привршуваат. Македонското министерство за транспорт и врски уште во јануари годинава ја потпиша одлуката за неспроведување на стратегиска оценка за влијанието врз животната средина за идниот објект, со што се отвора можноста за забрзана реализација на проектот. Главната предност од заедничкиот граничен премин во Табановце ќе биде побрзиот проток на патници и стока меѓу двете земји.
Вршењето на заедничко царинење и гранична контрола од едно место ќе го намали времето за патување со воз на патниците за најмалку 30 минути. Воедно, заедничкото царинење ќе овозможи и побрзо движење на товарниот сообраќај и зголемување на конкурентноста на железничкиот Коридор 10. Протоколите за воспоставување на овој заеднички граничен превоз беа потпишани во 2016 година.