Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со заменик министерот Садик Беќири, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и директорот на ЈП Македонија пат Гајур Кадриу, денеска извршија увид во реконструкцијата на магистралниот пат Гостивар – Кичево, делница Здуње – Колари. Со проектот се поставува нов асфалт на коловозот во должина од 28,5 километри, за што се обезбедени 4 милиони евра од буџетот на ЈП за државни патишта. Овој градежен зафат треба да се заврши до ноември, заедно со санацијата на пет мостови од оваа делница.
*Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски
Заедно со санацијата на петте мостови од делницата Здуње – Колари, вредноста на овој реконструктивен зафат се зголемува на околу 6,2 милиони евра. Двата проекта се изведуваат од компанијата „Гранит“ од Скопје. Министерот Горан Сугарески најави дека во текот на 2018 година ќе започне и реконструкцијата на вториот дел од патот Гостивар – Кичево, на потегот од селото Колари до Кичево. Тековниот санационен зафат треба да обезбеди побезбедно патно поврзување меѓу Гостивар и Кичево до моментот на реализација на новиот автопат, којшто во моментов се наоѓа во фаза проектирање.