Претходна статија
Реконструкцијата и доградбата на кичевската болница може да почне
Следна статија
Се гради кружен тек на булеварот „Партизански одреди“

Забрзано се работи на пробивање на автопатот Миладиновци – Штип

Објавено на 23.07.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По пет месеци од почетокот на изградбата, четириесет и три проценти од автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип веќе се пробиени од страна на градежната оператива. Премиерот Груевски денеска изврши увид во реализацијата на овој проект, кој го изведува кинеската компанија „Синохидро Корпорација“, заедно со подизведувачите „Бетон“ и „Гранит“ од Скопје. „Ангажирани се околу 250 работници, на терен 136 градежни машини. До крајот на август бројот на градежната механизација ќе се дуплира“, изјави Груевски. Тој додаде дека досегашниот тек на изградбата на автопатот се одвива според планираното темпо.

 


* извор: Влада на Р.М.

 

 

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски посочи дека македонските градежници ќе завршат голем дел од планираните градежни активности на овој проект. Скопски „Бетон“ треба да изведе делница од 17 километри, 20 километри од автопатот ги гради „Гранит“, додека преостанатите 10 километри ќе ги заврши кинеската „Синохидро Корпорација“. „Од вкупно 47 километри, веќе се пробиени 43 проценти, што е над 20 километри земјени работи. Потоа следува проширувањето на идниот автопат што треба да биде со широчина од 28 метри“, истакна директорот Георгиевски.

 

Автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип започна да се гради кон крајот на февруари годинава со 206 милиони евра обезбедени преку кредит од кинеската Ексим банка. Проектот треба да се заврши во рок од три години од стартот на изведбата. Современиот пат е предвидено да биде со широчина 27,4 метри, со по две коловозни ленти и една помошна лента за застанување во секој правец и средишен зелен појас со широчина од шест метри. Трасата во должина од 47 километри ќе има седум клучки за влез и излез кон населените места, осум надпатници, пет подпатници, армирано бетонски мост долг 154 метри и пет вијадукти со вкупна должина од 718 метри.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект