Претходна статија
Статистика бележи раст на предвидените станови и на одобренијата за градење во јуни
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Фонтаната на Филип Втори го добива својот лик

Забрзано се експропреира приватното земјиште за изградба на гасоводот Клечовце – Неготино

Објавено на 11.08.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Државните институции интензивно работат на подготовките за изградба на магистралниот гасовод од Клечовце до Неготино, кој ќе се финансира преку заостанатиот руски клириншки долг и со средства од буџетот на Македонија. Во текот на летните месеци започна процесот за експропријација на приватното земјиште на кое треба да поминува зацртаната траса од гасоводот. Процесот паралелно се одвива во кумановскиот, штипскиот и кавадаречкиот регион, каде предлозите за законско одземање на земјиштето во функција на јавен интерес им се доставуваат на граѓаните. Проценките за вредноста на земјиштето се различни и се определуваат врз основа на неколку критериуми, а во селото Росоман веќе се јавуваат првите незадоволни поединци поради сумата понудена за откуп на нивните лозја, која изнесува 3,2 евра за метар квадратен.

 

Во кумановскиот регион активно се работи на експропријација на земјиштето во катастарските општини Клечовце, Косматац, Мургаш, Кутлибег, Пезово, Кшање и Кокошиње. Гасоводните цевки ќе се поставуваат на локациите кои ќе преминат во трајна сопственост на Република Македонија, додека градежните активности ќе се извршуваат на земјиште кое ќе биде во времена државна сопственост. Цената за експропријација на земјиштето во Куманово изнесува од 30 до 70 денари за метар квадратен. Целокупниот процес се очекува да заврши до 1 септември.

 

Гасоводна мрежа во Македонија (ВИОЛЕТОВО: постоечки гасовод, ЗЕЛЕНО: гасовод Клечовце - Неготино, КАФЕАВО: други планирани гасоводни правци)Во штипскиот регион е планирано да се достават 236 предлози за експропријација на нивите кои се во приватна сопственост во близина на селата Судиќ, Врсаково, Сарчиево, Три Чешми, Сушево, Софилари, Ново Село, Драгоево и Селце. На досегашните сопственици им се нудат цени од 10 до 40 денари за метар квадратен, а од надлежните институции во Штип се најавува дека процесот ќе заврши до крајот на август. Неофицијалната должина на магистралниот гасовод од Клечовце до Неготино изнесува околу 96 километри, при што неговата точна должина допрва ќе се утврди во договорот кој треба да се склучи со руската страна до крајот на 2012 година. Вредноста на овој сегмент од првата фаза од проектот за гасификација на земјава изнесува 75 милиони долари. Во насока на остварување на проектот, на почетокот на јули се потпиша Меморандумот за соработка помеѓу руската компанија „Стројтранс гас“ и домашната „Македонски енергетски ресурси“.