Новиот систем за осветлување на Милениумскиот крст на врвот на Водно денеска беше свечено пуштен во употреба. По неколкумесечната реконструкција, над главниот град повторно заблеска еден од главните обележја на Скопје. Со донацијата од компанијата Балкан Енерџи Груп и Леонид Лебедев како член на Советот на федерацијата на Федералното собрание на Руската Федерација, изведена е нова електрична инсталација на Милениумскиот крст со 280 ЛЕД светилки. Пред да се постави новото осветлување, беше поставена антикорозивна заштита на челичната конструкција. Вредноста на проектот за осветлување е 15 милиони денари.
Во наредните месеци ќе продолжи реконструктивниот зафат на Милениумскиот крст. Постојниот лифт ќе се замени со нов панорамски и застаклен лифт, а во фаза на изградба е водоводната мрежа до објектот. Во моментов се довршува бунарот за вода и се изведува водоводната инсталација од бунарот до Милениумскиот крст. Просториите во кои ќе биде сместен идниот ресторан се целосно опремени и во следниот период се очекува негово пуштање во употреба. За целосна реализација на овој проект се потгребни 66 милиони денари.
Со новиот систем за осветлување, вкупната годишна заштеда при неговото користење ќе изнесува 7.100 евра. Реконструкцијата на Милениумскиот крст започна кон крајот на јуни минатата година.