Претходна статија
Општина Центар не се откажува од мораториумот на градење
Следна статија
Градежна комора: Цената на становите ќе расте

За развој на Скопје, Италијанците предлагаат оживување на Кејот, велосипеди за изнајмување и зелен појас околу градот

Објавено на 21.03.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Три врвни италијански компании вечерва ги изложија своите видувања околу можностите за урбана трансформација и натамошен развој на Скопје во наредниот период. Фирмата „Systematica“ од Милано во Чифте амамот се претстави со темата „Планирање на градска мобилност – одржливост на концептот за пристапност“. Диего Де Понте, технички директор на компанијата, ги изложи четирите точки за развој на македонскиот главен град од аспект на транспортната инфраструктура.

 

 

Како прво, посочи Де Понте, просторот околу реката Вардар долж целиот град е точка која може да се развие во полза на граѓаните на Скопје, бидејќи нејзиниот потенцијал во моментов е нецелосно искористен. Тој посочи дека Скопје треба да инвестира повеќе во велосипедски и пешачки патеки, со можност за иден развој на јавен велосипедски систем преку изнајмување на велосипеди. Третата точка на која тој особено се задржа е создавањето ефикасни стратегии за решавање на проблемот со паркирањето.

 

 

„Паркирањето на улица го одзема јавниот простор во Скопје“, нагласи Диего Де Понте. Како последна точка, тој ја нагласи потребата од воведување на иновативен и еколошки јавен транспорт, првенствено во делот на купувањето електрични автобуси или иницирањето на систем за споделување на возила за превезување на граѓаните. Диего Де Понте предупреди дека бројот на автомобили во Скопје драстично расте, и тоа побрзо од порастот на БДП – то на жителите на овој град.

 

 

Со дополнително предупредување за Скопје продолжи Матео Педасе од компанијата „Land“, кој нагласи дека македонската метропола во моментов има двојно помалку зеленило во споредба со градовите од земјите – членки на ЕУ. Тие ги анализирале ефектите на климатските промени во Скопје и заклучиле дека нивното влијание е големо и може да се согледа преку природните непогоди што се случиле во изминатиов период. Експертот Педасе со своето излагање „Зелени и социјални инфраструктури: пејсажно планирање и дизајн на јавниот простор“ издвои пет клучни акции што би требало да се спроведат во Скопје.

 

Меѓу нив е и идејата за заживување на просторот крај реката Вардар, зголемување на конекциите север – југ од урбаното јадро на Скопје, изведба на повеќе шеталишта за граѓаните со изразит зелен простор во нив и воведување на зелен појас околу самиот град, заедно со изградбата на велосипедски патеки. Како адекватна локација во оваа насока, тој ја посочи планината Водно. Клаудија Ромеро од италијанската компанија „Politecnica“ се задржа на своите видувања за Скопје поврзани со темата „Идејно решение и проектирање на болници“.

 

На темата „Урбани предизвици во 21. век“, во Чифте Амамот вечерва говореа професорот Габриеле Паскуи, раководител на Институтот по архитектура и урбанистика при Универзитетот Политекнико во Милано и професорот Огнен Марина од Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје. Тој се задржа и на презентација на резултатите од истражувањето „Skopje Smart City: визија и предизвици“.

 

Вечерашната конференција „Smart Cities – Градови на иднината“ ја отворија скопскиот градоначалник Петре Шилегов, италијанскиот амбасадор во Скопје Карло Ромео и деканот на Архитектонскиот факултет при УКИМ Огнен Марина. Претставувањето на италијанскиот дизајн во доменот на урбаното проектирање и планирање од трите врвни компании беше организирано во рамките на Italian Design Day во Скопје од страна на Амбасадата на Р. Италија во Скопје и ИТА, а во соработка со Архитектонскиот факултет при УКИМ, Скопје Урбан Центар и Здружението на архитекти на Република Северна Македонија.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk