Скопскиот градоначалник Коце Трајановски денес го означи почетокот на градежните работи од првата фаза на проектот за реконструкција и проширување на булеварот АСНОМ во Општина Аеродром. Станува збор за траса со должина од 428 метри, на потегот од објектот на Фудбалската федерација на Македонија до првите куќи на улицата Тодор Чангов во населбата Лисиче. Булеварското решение ќе опфати четири коловозни ленти со ширина од по 3,5 метри, средишни жардиниери, тротоари, велосипедска патека и разделно зеленило. Со зафатот ќе се изведе нова крстосница помеѓу булеварите АСНОМ и Февруарски поход, а ќе се уредат и две автобуски постојки.
Градот Скопје со претстојниот зафат ќе изгради атмосферска канализација на дел од трасата во должина од 221 метри, како и ново улично осветлување. Од градскиот буџет за овој проект се алоцирани 31,8 милиони денари (517 илјади евра). Изведувач на градежните работи е скопски „Бетон“, а рокот за изведба на првата фаза од реконструкцијата и проширувањето е 150 календарски дена.