Градот Скопје пред еден месец потпишал договор за изработка на основен проект за Панорамското тркало со придружни објекти и мост со австриската компанија „a2 Hotelconcept GmbH“, во висина од 30 милиони денари или околу 500 илјади евра. Постапката е спроведена со преговарање без претходно објавување на оглас, при што австријците се обврзани во период од 8 месеци да ја изработат потребната документација за започнување на градежните активности. Панорамското тркало ќе се лоцира на новиот мост на реката Вардар, кој е зацртано да се изгради помеѓу Камениот мост и мостот „Гоце Делчев“. Во согласност со избраното идејно решение, посетителите на новиот објект ќе можат да го набљудуваат главниот град во специјални корпи на висина од 60 метри. Победничкиот труд го изработија австриските архитекти од студиото „Massabni architects GmbH“, а детални информации за планираното здание сеуште не се публикувани.
По изработката на основниот проект за Панорамското тркало, градските власти преку оглас ќе прибираат понуди од заинтересирани инвеститори. Според досегашните информации, идниот инвеститор ќе биде задолжен да го реализира Панорамското тркало и за возврат ќе може да стопанисува и да наплаќа билети од неговото функционирање во наредните 35 години. Предлогот за соинвеститорство ќе се разгледува на следната седница на Советот на Град Скопје, а доколку биде изгласан од советниците, тоа би значело дека градските власти во иднина ќе можат да продолжат со реализацијата на зацртаниот проект.
» Форумска дискусија за овој проект