„Купи куќа за млади“ е нов проект на македонската влада за обезбедување на поддршка за купување нова куќа на лица до 35 години без оглед на брачниот статус, како и за зголемување на наталитетот. Премиерот Никола Груевски денеска информираше дека на младите од земјава им стојат на располагање два модела за субвенционирање. Со првиот модел, за кредит до 20 години и максимален износ до 50.000 евра, државата ќе ја субвенционира месечната рата во период од 11 години, така што во првите осум години истата ќе изнесува 80 проценти од нејзиниот износ, а во останатите три години ќе се намали на 50 проценти. Вториот модел на младите до 35 години им овозможува целосно субвенционирање на учеството за кредитот зависно од износот што ќе биде земен.
Условите за добивање субвенција од државата со проектот генерално се исти како за проектот „Купи куќа, купи стан“, освен првичниот критериум за возраста на лицето што ќе го подигне кредитот, најмногу до 35 години. Воедно, барателот на субвенцијата, без оглед на брачниот статус, не треба да има живеалиште на свое име, ниту пак да има подигнато кредит. Ако корисникот е поединец за да користи субвенција треба да има до 35 години и месечни примања до 900 евра, а ако станува збор за сопружници барем еден од нив да биде до 35 години и да имаат вкупен приход до 1.300 евра. Проектот се однесува само за стекнување нови невселени куќи изградени од градежни компании, како и за изградба на сопствена куќа на свое земјиште, или пак, за надградба и доградба.
Во соработка со градоначалниците и општините, владата ќе овозможи дополнителен број парцели за изградба на куќи. На општините кои ќе изработат и спроведуваат детални урбанистички планови со кои се предвидуваат парцели за изградба на најмалку 200 куќи, владата ќе им помогне со плаќање на дел од комуналиите во сразмер што дополнително ќе биде договорен заедно со ЗЕЛС.