Претходна статија
Охрид се подготвува Студенчишко блато да го прогласи за заштитено подрачје
Следна статија
РЕПОРТАЖА: Новиот Тихи - најголемиот социјалистички град во Полска

За чистење на линданот од „ОХИС“ ќе бидат потребни од 40 до 260 милиони евра

Објавено на 18.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Отстранувањето на линданот од кругот на некогашната фабрика „ОХИС“ во Скопје е можно преку три решенија, но пресметките велат дека нивната реализација ќе чини од 40 до 260 милиони евра. За да се забрза решавањето на најцрната еколошка точка во земјава, се оформи фонд преку кој ќе се финансира расчистувањето на индустрискиот токсичен отпад во „ОХИС“. Премиерот Зоран Заев вчера потпиша Меморандум за соработка со Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации – UNOPS и со Министерството за надворешни работи на Норвешка претставувано преку нејзината амбасадата надлежна за нашата земја.

 

 

„Република Македонија, со потпишување на Стокхолмската конвенција во 2004 – тата година, во која што линданот како токсична материја е додаден во 2009 – та година, е обврзана да го реши овој проблем. И затоа час поскоро мора да го дислоцираме отпадот без последици врз околината и врз граѓаните“, изјави премиерот Заев. Процесот за конечно решавање на проблемот со илјадниците тони отпад од опасниот пестицид ќе го води Генералниот Секретаријат на македонската влада, информираат од владината прес – служба.

 

„Во зависност од собраните средства ќе зависи изборот на методот кој ќе го користиме за уништување на отпадот од опасниот пестицид линдан. Сакам да истакнам дека истовремено ќе се чистат двете депонии во поранешната фабрика ОХИС и очекуваме дека тој процес ќе трае од 3 до 5 години“, истакна Генералниот Секретар на Владата на Република Македонија, Драги Рашковски.