Претходна статија
Скопските училишта ќе користат еколошки горива за греење
Следна статија
МНР се дума дали да ја руши или реконструира амбасадата во Будимпешта

За автопатот Гостивар – Кичево се обезбедија првите 20 милиони евра

Објавено на 06.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Првата секција од идниот автопат Гостивар – Кичево ќе се гради со неповратни средства од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) и со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Првите 12,7 километри од идниот автопат меѓу Гостивар и Кичево ќе се поддржат во изградбата со средства во висина од 20.348.000 евра. Покрај добиениот грант, од владата информираат дека останатите средства ќе се обезбедат преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 79,2 милиони евра, додека Јавното претпријатие за државни патишта ќе обезбеди 6 милиони евра од сопствениот буџет.

 

*Идниот автопат треба да го замени постојниот магистрален пат Гостивар – Кичево

 

За првата секција од автопатот Гостивар – Кичево до крајот на годинава треба да се комплетира инфраструктурниот проект, којшто се изработува од „Геинг КуК“. Основниот проект за првите 12,7 километри ги изработи фирмата „Балкан консалтинг“, при што за проектната документација досега се издвоени над 49,3 милиони денари. Со комплетирањето на проектот и со обезбедувањето на финансиските средства, македонската влада создаде услови за распишување на тендер за избор на изведувач. За преостанатите две секции од автопатот меѓу Гостивар и Кичево треба допрва да се бараат проектанти, а вкупната должина на целата траса е 42 километри.

 

Преку Инвестициската рамка за Западен Балкан се обезбедени и над 2,6 милиони евра за рехабилитација и реконструкција на делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир од Коридорот 8. Овие неповратни средства ќе бидат доволни за санација на патот во должина од 13 километри, земајќи во предвид дека веќе се подигна заем од ЕБОР во висина од 10 милиони евра за оваа намена. Третиот грант што е доделен на нашата земја изнесува 1 милиони евра и со него ќе се подготвува физибилити студија и студија за влијание на животната средина и социјалните аспекти на проектот за изградба на хидроелектраната „Чебрен“.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk