Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во наредните 5 месеци ќе ја изработува физибилити студијата за изградба на систем за наводнување на Струшка река во општина Долнени. Фирмата „Геомап дизајн“ од Скопје е избрана за да го подготви советодавниот документ, за што се издвоени над 1,1 милион денари од државниот буџет. Со физибилити студијата ќе се истражат можностите за наводнување на земјоделските површини во атарот на селата Стровија, Гостиражни, Црнилиште и Костинци.
Физибилити студијата ќе треба да ја определи цената за изградба на замислениот систем за наводнување на Струшка река, но и да го определи најсоодветното решение за овој проект – изградба на брана, прифатни – компензациони базени, зафат на реката или зафат и доводни канали. Главниот цевковод и идната разводна мрежа за наводнување треба да обезбедат вода за земјоделски површини од над 1.000 хектари.