Продолжува трендот на зголемување на трошоците за изградба на објекти за индивидуално домување во Македонија. Државниот завод за статистика во најновиот извештај потврдува дека издатоците во четвртиот квартал од 2018 година биле повисоки за 5,9% во споредба со идентичниот период од претходната година. Трошоците за материјали биле повисоки за 3,2%, додека трошоците за вработените се зголемиле за 13%.
„Во четвртото тримесечје од 2018 година, во споредба со третото тримесечје од 2018 година, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се повисоки за 0,3%, трошоците за материјали се пониски за 0,2% и трошоците за вработените се повисоки за 1,6%“, се нагласува во извештајот на Државниот завод за статистика.
Индексите на трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се наменети за преиспитување или мониторирање на трошоците направени од градежните претпријатија при изведувањето на процесот на изградба на нови објекти за индивидуално домување.