Јавното претпријатие за државни патишта го потпиша договорот за изработка на проектна документација за заштита од бучава на делници од паневропските Коридори 8 и 10. Во текот на годинава ќе биде изготвен проект, по што јавното претпријатие ќе може да инвестира во изведба на звучни брани долж македонските автопати. Фирмата „Геомап дизајн“ од Скопје е избрана за да ги подготви неопходните документи во период од четири месеци, при што за оваа намена ќе бидат издвоени 1.156.400 денари. Тендерот за избор на најповолен изведувач беше објавен на почетокот од ноември 2017 година.
Воведувањето на звучните брани е неопходна мерка за заштита од бучава на граѓаните кои живеат непосредно до патиштата. Постојаната бучава во близина на домовите има штетни последици за населението, така што во европските земји е задолжително поставувањето на вакви инфраструктурни објекти на самите патишта. Воедно, звучните брани оневозможуваат претрчување на животни и луѓе на коловозот, со што се зголемува безбедноста во одвивање на сообраќајот.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk