Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски и потпретседателот на турската компанија „Аселсан“ Суад Бенгур денеска го потпишаа договорот за модернизација и воведување на електронски систем на наплата на патарините долж Коридорот 10. Најдоцна за 18 месеци треба да се воведе електронско плаќање за користењето на македонските автопати, и тоа преку бесконтактни „смарт“ картички и микробранови трансподери. Со реализацијата на овој проект во вредност од 18,7 милиони евра, возачите ќе можат да ги минуваат патарините без застанување, со што ќе се искоренат досегашните гужви на дел од нив.
Со договорот е планирано да се реконструираат, прошират и модернизираат постоечките наплатни рампи Петровец, Сопот и Отовица, да се изградат две нови кај Демир Капија и Гевгелија, како и да се дислоцираат, модернизираат и удвојат наплатните рампи на станиците Романовце и Градско. Смарт картичките ќе се надополнуваат на наплатни пунктови во близина на патарините. Возачите ќе можат да ги купат електронските картички во две можни варијанти: при пејд и пост пејд, и тоа на патарините и на граничните премини. Подоцна ќе се продаваат низ дистрибутивна мрежа во земјава, а се планира и воведување можност за нивно полнење преку мобилен телефон.
Автоматската наплата на патарини е веќе применето решение на победничката компанија во Турција. „Системот што ќе се спроведе во Македонија е уште понапредна верзија на овој систем. „Аселсан“ се надева дека проектот исто така ќе помогне за унапредување на и онака добрите односи помеѓу двете држави“ истакна потпретседателот на компанијата, Суад Бенгур.