По поништувањето на првиот тендер, Општина Велес денеска го објави новиот повик за доставување на понуди за изработка и ревизија на идниот Генерален урбанистички план (ГУП) за Велес. Општинските власти планираат да издвојат околу 2,3 милиони денари за изготвување на новиот ГУП. Рокот за негова подготовка е 12 месеци. Заинтересираните проектантски бироа имаат рок до 25 април за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка. Новиот ГУП за Велес треба да го уреди натамошниот урбанистички и просторен развој на градот, со предвидена површина од 1.600 хектари.
Првичниот тендер за изработка на новиот ГУП за Велес беше објавен на почетокот од февруари годинава. Сепак, оваа постапка беше поништена поради доставените понуди со цени и услови што биле понеповолни од реалните на пазарот. Градските власти ќе мора да ја забрзаат изработката на оваа урбанистичка документација, поаѓајќи од фактот дека важноста на постојниот ГУП, којшто е изработен во 2006 година, истекува токму годинава.