Прилепските локални власти распишаа нов тендер за набавка на 4 нови автобуси на природен гас што ќе сообраќаат во јавниот градски превоз. Проектот вреден околу 60 милиони денари би овозможил осовременување на возниот парк на ЈП за ПУП – Прилеп, коешто во моментов ги организира градските автобуски линии. Идните автобуси е предвидено да бидат климатизирани и да имаат низок под, кој ќе овозможи превоз на хендикепирани лица со нив. Вториот по ред тендер за набавка на нови автобуси во Прилеп доаѓа откако кон крајот на минатата година беше поништен првичниот тендер за оваа намена.
Со најновиот тендер се предвидува склучување на договор со производителот на автобуси во времетраење од 2 години, при што новиот возен парк треба да биде доставен до општина Прилеп најдоцна за 90 дена по извршената порачка. Локалната самоуправа планира да ги плаќа идните автобуси на 48 месечни рати. Понудите од заинтересираните производители на автобуси се очекува да бидат доставени до 3 мај, по што ќе се избере најповолниот понудувач што ќе ги изработи автобусите што ќе сообраќаат по прилепските улици.