Претходна статија
Градот Скопје ја презеде обврската за изградба на две монтажни гаражи во Клинички центар
Следна статија
Низ портите на македонските аеродроми лани минале 2.334.558 патници

Втора „шанса“ за изградба на нова тешка и загадувачка индустрија во скопската железарница

Објавено на 24.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По првичниот неуспешен обид, скопската општина Гази Баба денеска го распиша вториот по ред оглас за давање под долготраен закуп на 99 години на градежно земјиште со површина од 66.996 метри квадратни во склоп на скопската железарница. Станува збор за парцелата 1.6 од ДУП-от за Градска четврт С 17 блок 1, на која е предвидено да се гради објект од тешка и загадувачка индустрија, којшто би имал компатибилни класи на намена Д1, Д2, Б4, В2, Г2, Г3 и Г4 до 49% од неговата вкупна површина. Оваа градба во иднина би можела да има максимална развиена површина од 70.346 метри квадратни.

 

 

Како што се наведува во огласот објавен од општина Гази Баба, почетната цена за годишна закупнина на огласеното земјиште изнесува 3.05 денари за метар квадратен, односно 204.337 денари годишно. „Закупецот се обврзува за период од 2 години сметано од денот на изградба на стопанскиот објект да вработи најмалку 150 лица на неопределно работно време“, се нагласува во еден од дополнителните услови што се поставени за избор на најповолниот понудувач. Општина Гази Баба очекува дека во новиот индустриски објект во период од 5 години би работеле најмалку 250 лица.

 

Електронското јавно наддавање за давање под закуп на огласеното земјиште во кругот на железарницата ќе се одржи на 1 март. Првичниот оглас беше објавен во ноември минатата година, но целокупната постапка се заврши неуспешно. Како што информираа од општина Гази Баба на крајот од 2018 година, само една компанија доставила барање за закуп на земјиштето во скопската железарница.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk