По првиот неуспешен обид од пред една година, Министерството за култура повторно објави оглас преку кој бара приватен партнер што ќе го гради новиот објект со приземје и 10 ката на местото на постоечкиот Театар Комедија во центарот на Скопје. Како и досега, предвидена е соодветна површина за театарската установа, но и дополнителен простор наменет за инвеститорот што ќе се согласи да учествува во воспоставување на јавно – приватното партнерство. Министерството за култура проценува дека изградбата на објектот ќе чини околу 4,7 милиони евра. Повикот за доставување на понуди е отворен до 25 јануари.
Новиот објект на местото на сегашното монтажно здание на театар „Комедија“ ќе се гради врз основа на победничкото идејно решение на авторите Минас Бакалчев и Митко Хаџи – Пуља, заедно со соработниците Никола Стрезовски, Саша Тасиќ, Бетим Зекири и Бесијам Мехмети. Основниот проект го изготви фирмата „Монтимпекс – Инженеринг“.