Претходна статија
Продолжен рокот за избор на компании што ќе ја гасифицираат земјава
Следна статија
Каска изградбата на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“

Возниот ред на Македонски железници пред колапс

Објавено на 06.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Целосното спроведување на новиот возен ред на Македонски железници – Транспорт не издржа ниту еден месец во реалноста. Од пред три дена се привремено укинати експресниот воз „Хераклеа експрес“ на релацијата Скопје – Битола – Скопје, а не сообраќа ниту еден пар патнички возови на релацијата Скопје – Кичево – Скопје. На тој начин, целиот западен дел од Македонија на почетокот од годинава остана со само еден патнички воз дневно, додека кон Битола сообраќаат единствено три возови во текот на едно деноноќие. Ваквиот чекор од Македонски железници – Транспорт го правдааат со лошите временски услови и ниските температури.

 

Некои од македонските дизел локомотиви влечат возови повеќе од 50 години!„Горенаведените возови нема да сообраќаат се додека не се стекнат услови за нивно повторно воведување во редовниот железнички сообраќај“, се вели во соопштението на МЖ – Транспорт од пред три дена. Сепак, неофицијалните информации говорат дека главната причина за укинувањето на патничките возови е неможноста да се обезбеди затоплување на вагоните во зимските месеци, поради недостигот на локомотиви со парен генератор. Наместо вообичаените четири до пет дизел локомотиви со парен генератор, државното претпријатие во моментов поседува единствено две вакви локомотиви, од кои се обезбедува греењето во патничките возови. На нив треба да се додадат и четирите дизел моторни гарнитури, кои понекогаш се исклучуваат од сообраќај поради поправки.

 

Познавачите на состојбите велат дека проблемот со греење во возовите произлегува од староста на возниот парк и непостоењето можност за натамошна поправка на парното греење. Поради овие причини, Македонски железници – Транспорт не е во можност секојдневно да одржува осум пара затоплени возови дневно кон Битола, Кочани, Кичево и Приштина, кои сообраќаат по неелектрифицираните пруги. Засега останува нејасно до кога ќе останат укинати возовите кон Битола и кон Кичево, ако се земе во предвид фактот дека грејната сезона трае до 15 април.

 

Единствен излез од целосниот колапс на железничкиот сообраќај во земјава се гледа во пристигнувањето на ветените шест дизел и електро моторни гарнитури од кинеската компанија „ЦСР“. Преку кредит од Европската банка за обнова и развој, нашата држава ја одбра оваа компанија за да изработи и да достави нови возови, кои ќе почнат постепено да пристигнуваат во Македонија од јули 2015 година.

 

 

Бојан Блажевски