Претходна статија
Промоција на „Ничија земја“ на Биеналето на архитектура во Венеција
Следна статија
Нови енергетски фасади за зградите во центарот на Куманово

Воз за Крива Паланка нема да видиме пред 2020 година

Објавено на 25.05.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По повеќе од една и пол година од потпишувањето на договорот за подигање на кредит, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја објави поканата за претквалификација на градежните компании кои се заинтересирани да учествуваат во изградбата на втората фаза од пругата кон Бугарија. Најдоцна до 7 јули ќе треба да се достават неопходните понуди од заинтересирани домашни и странски субјекти, по што ќе следува тендерската постапка за изградба на пругата од кумановското село Бељаковце до Крива Паланка. Железничката делница од паневропскиот Коридот 8 е предвидено да се гради дури 40 месеци, сметано од почетокот на градежните работи на терен.

 

* Наместо пруга, земјен пат води кон Бугарија

 

Македонски железници – Инфраструктура денеска соопштија дека очекуваат трасата Бељаковце – Крива Паланка да почне да се гради пред крајот на 2016 година. Според нивните пресметки, првиот воз би започнал да сообраќа на новата пруга дури по 2020 година. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во изјава дадена во декември 2014 година имаше поинакви планови за овој капитален проект. „Очекуваме врз основа на потпишувањето на договорот и направените подготвителни работи некаде после летото 2015 година, значи за осум до девет месеци да почне изградбата на втората фаза“, изјави тогаш министерот Зоран Ставрески.

 

Пругата Бељаковце – Крива Паланка се гради со години наназад низ празни ветувања. Идната железничка делница е со планирана должина од 34 километри, покрај неа ќе се издигнат две железнички станици во Кратово и Гиновци и три стојалишта во Шопско рударе, Крилатице и Псача. Главниот проект за пругата го работи фирмата „Обермаер“ од Австрија. Градежниот зафат предвидува изградба на 29 моста, 6 надвозника, 3 подвозника, 15 тунели, пристапни патишта и други инфраструктурни објекти. Реализацијата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка ќе чини 145 милиони евра.

 

 

» Форумска дискусија за железничкиот Коридор 8

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk