Општина Велес го објави огласот за продажба на 22 градежни парцели за изградба на нови објекти со различни намени. На крајбрежјето на езерото „Младост“ на потенцијалните инвеститори им се нудат две локации од 7.432 и 5.231 метри квадратни за изведба на нови спортско – рекреативни центри, како и градежно земјиште од 10.659 метри квадратни за изградба на хотелски комплекс со приземје и три ката. За инвестирање во нови индустриски објекти од областа на лесната и незагадувачка индустрија се нудат осум парцели кај месноста Мамутчево. Површината на ова понудено земјиште е од 5.000 до 104.285 метри квадратни.
Со распишаниот оглас се продаваат и четири локации за изградба на куќи во Велес, при што површината на понуденото земјиште е од 321 до 574 метри квадратни. Општина Велес планира да отуѓи и седум парцели со површина од 603 до 1.059 метри квадратни за изградба на викенд – куќи и објекти за времено сместување на езерото „Младост“ и во месноста Новачани. Почетната цена за понуденото градежно земјиште варира од 61 денари до 283 денари од метар квадратен.
Пријавите за учество на електронско јавно наддавање се доставуваат до 12 февруари за парцелите наменети за изградба на куќи во Велес, до 26 февруари за парцелите наменети за индустриски објекти, хотелскиот комплекс и спортско – рекреативните центри и до 27 февруари за парцелите наменети за изградба на нови викенд – куќи. Електронската лицитација на земјиштето ќе се одржи во периодот од 14 февруари до 1 март.