Претходна статија
Тендер за изградба на долгонајавуваното училиште во Визбегово
Следна статија
Промовирана книгата „Град без љубов“ на архитект Александар Петров

Во Валандово се собираат потписи за референдум против рудникот Казандол

Објавено на 08.05.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ денеска започна собирање на потписи за повторно разгледување на барањето за одржување на референдум за идниот рудник за бакар во Казандол. За само три часа беа собрани неопходните 100 потписи за доставување до Државната изборна комисија, со што е покрената иницијативата за распишување на референдум. Советот на општина Валандово е должен во следната фаза да покрене постапка за распишување на референдум. За оваа фаза е неопходно да се соберат околу 2.000 потписи од жителите на Валандово, со што ќе се создаде услов за задолжително одржување на референдумското изјаснување.

 

„Општина Валандово има право како и сите соседни општини преку непосредно изјаснување на граѓаните преку референдум да се изјасни дали сака развој на тешка и загадувачка индустрија на своја територија“ се посочува во апелот на иницијативата „Спас за Валандово“. Ако се соберат неопходните потписи, општина Валандово е должна да организира референдум во однос на ова прашање. Потребна е излезност на најмалку половина од вкупниот број на запишани избирачи во општина Валандово за успешно одржување на референдумското изјаснување.

 

Новата иницијатива од граѓаните во Валандово доаѓа само неколку дена по одлуката на Советот на општина Богданци за одржување референдум во однос на изградбата на рудникот за бакар во Казандол. Пред две недели, општинските советници од Валандово ја отфрлија идентичната иницијатива со образложение дека е неопходно најпрво експертската јавност да биде најпрво консултирана во врска со рудникот што веќе се гради во овој регион.