Екипите на „Гранит“ во саботата почнаа со асфалтирање на проширениот дел на булеварот Илинден, на сегментот од крстосницата со улицата Наум Наумовски Борче до автобуската постојка пред крстосницата со улицата Рузвелтова. Денес во тек беше поставување на втор асфалтен слој, а финалниот слој е најавен за среда. Семафорите кај Матичната служба се веќе наместени и се монтираат семафорите на крстосницата со улицата Наум Наумовски Борче. Деновиве ќе се работи и на доуредување на крстосницата со улицата Рузвелтова. По должината на булеварот е поставено ново штедливо осветлување кое треба да профункционира до крајот на неделава, а подлогата на тротоарите е веќе бетонирана и се врши подготовка за асфалтирање и доуредување на пешачките патеки. Од другата страна на улицата се монтира заштитната ограда по должината на административните бараки на Град Скопје.
За проширување на оваа важна сообраќајница се до крстосницата со булеварот 8-ми Септември, во градскиот буџет се предвидени 80 милиони денари. На делот од владата до Рузвелтова булеварот ќе има четири коловозни ленти широки по 3,25 метри и ќе биде без средишно зеленило, а на делот помеѓу улицата Рузвелтова и булеварот 8-ми Септември лентите ќе бидат со широчина од 3,5 метри и ќе се уреди средишно зеленило. Проектот треба да финишира до септември, односно до денот на независноста.
Форумска дискусија за овој проект » овде