Јавното претпријатие „Струмица – Гас“ распиша оглас во кој се бара изведувач на секундарна гасоводна мрежа во должина од седум километри на територијата на општина Струмица. Проектот ќе се спроведува во временски период од 12 месеци и ќе овозможи гасификација на дополнителен број на домаќинства и компании. Проценетата вредност на зафатот изнесува 14 милиони денари, без вклучен ДДВ. Заинтересираните компании се повикани да ги достават своите понуди до претпријатието најдоцна до 5 мај.
Струмица е еден од ретките македонски градови што во изминативе години активно работеше на проектот за гасификација. Досега е изградена примарната мрежа во должина од 15 километри, декомпресиска станица за гасот што се транспортира со камиони од Бугарија, мерно – регулациони станици и секундарна гасоводна мрежа, на која веќе се приклучени станбени објекти и компании од десетина улици во градот.