Во рамките на промотивната кампања „ЕУ за тебе“, амбасадорот на ЕУ во Македонија Самоел Жбогар денеска оствари посета на Струмица за да се запознае со тековната реализација на неколку инфраструктурни проекти. Заедно со в.д. градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, тој ја посети локацијата на која во моментов се гради пречистителната станица за отпадни води. Проектот е финансиран од Европската унија со повеќе од пет милиони евра, а дополнителни средства се издвоени и за изградба на канализационата мрежа во селата Просениково, Дабиле и Добрејци.
„Денес слушнав дека заштитата на животната средина е во фокусот на работата на општината преку гасификацијата, промоцијата на фотоволтаични системи и ред други обновливи извори на енергија. Со изградбата на пречистителната станица ќе се исчисти и реката Струмица, а се запознав дека општината се грижи и за речното корито на друга река и за изградба на депонија“ истакна амбасадорот Жбогар. Градоначалникот Костадинов потсети дека општина Струмица во изминативе 10 години преку КАРДС и ИПА програмите има искористено финансиски средства од 12 милиони евра кои пристигнале од Европската унија.
Договорот за изградба на пречистителната станица за отпадни води беше потпишан во декември 2015 година. Инфраструктурниот објект ќе има капацитет за 53.500 еквивалент жители и ќе ги прочистува отпадните води од Струмица и од околните населени места Баница, Добрејци, Градско Балдовци, Сачево, Дабиле, Муртино, Просениково, како и отпадните води од економската зона во Сачево. Со проектот финансиран од ЕУ ќе се заштити водниот потенцијал од реките Тракајна и Струмица, како и Моноспитовското блато.