Некогашната улица „Маршал Тито“ во центарот на Струга прераснува во простор за движење на пешаците. Шеталиштето „Корзо“ во изминативе месеци се проширува во правец кон градскиот пазар во Струга. Локалните власти работат на пренамена на улицата „Маршал Тито“, на потегот од спојката со улицата „Пролетерски бригади“ до спојката со улицата „Цветан Димов“. Со реконструктивниот зафат ќе се добие нова пешачка површина од 3.760 метри квадратни, заедно со нова атмосферска канализација, осветлување и урбана опрема долж целата траса.
*Струшкото корзо ќе се обновува во неколку етапи во претстојниот период
Изведбените работи за проширување на шеталиштето „Корзо“ во Струга започнаа кон крајот на април годинава. Градежните работи на терен ги извршува фирмата „Илинден“ од Струга. Од општинскиот буџет за реализација на овој проект се издвоени 22 милиони денари. Постојната првична етапа е само дел од поголемиот проект за целосна реконструкција на улицата „Маршал Тито“, во делот од судската зграда до градскиот пазар во Струга. Во централното градско подрачје би се изградила и саат кула, а со зголемувањето на јавната површина за пешаците се очекува и зголемување на туристичкиот потенцијал на градот.