Претходна статија
Посебно тело ќе се грижи за континуирано стратешко планирање и за ГУП-от на Град Скопје
Следна статија
Општина Центар избра 10 згради за реконструкција на фасадите

Во средината на август ќе стартува изградбата на новата општинска зграда на Карпош

Објавено на 19.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Новиот административен објект во кој ќе се смести локалната самоуправа од Карпош ќе започне да се гради во средината на август. Зградата ќе има две подземни нивоа, приземје, три ката и потпокрив и ќе се простира на површина од 7.500 метри квадратни. Од општината соопштуваат дека на 16 јули било извршено разгледување на пристигнатите понуди за избор на субјект што ќе ги изведува активностите на терен, при што за најповолен понудувач е избрана градежната компанија „АК – Инвест“ од Тетово. Причината за нејзиниот избор е доставената понуда во износ 72.963.702 денари или околу 1,2 милиони евра, која е пониска од онаа на „Гранит“ што изнесува 93.864.291 денари, а како последно рангирана на тендерот е понудата на скопски „Бетон“ во висина од 95.906.919 денари.

 

 

 

 

Зградата за општинарите ќе се подигне на местото на старите бараки на булеварот Партизански одреди во Карпош 3. Идејното решение за административниот објект го изработија архитектонските студија „СКАрС“ и „Архитектри“, кои победија на конкурсот што беше распишан пред 2 години. Освен просториите во кои ќе бидат сместени службениците, во рамките на зданието ќе се смести и матичната служба. Новиот објект треба да ја стимулира употребата на алтернативните еколошки извори на енергија и да биде енергетски одржлив.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект