Како прв објект во Македонија и во поширокиот регион, денеска во Ресен беше пуштен во употреба системот за управување со органски отпад – Компостара. Се работи за комплекс што ќе го преработува органскиот отпад од земјоделството, индустријата и домаќинствата во висококвалитетно органско ѓубриво – компост. Овој систем што ќе ја унапреди животната средина во преспанскиот регион е реализиран од страна на општина Ресен, со финансиска и техничка поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка и од УНДП.
Со ставањето во погон на овој објект се воспоставува централизиран систем за управување со органскиот отпад, со што истиот добива економска и еколошка вредност за целокупната околина. На денешниот свечен настан присуствуваа заменик – министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон, швајцарскиот амбасадор во Македонија Стефано Лазарото, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и ресенскиот градоначалник Ѓоко Стрезовски.