Претходна статија
Пет скопски улици и булевари ќе добијат проекти за санација на велосипедските патеки
Следна статија
Прилепскиот стадион „Гоце Делчев“ ќе добие покриени трибини

Во полн ек е изградбата на новото основно училиште во Капиштец

Објавено на 22.02.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска изврши увид во градежните работи на новото основно училиште што се гради во скопската населба Капиштец. Најбројната населба во центарот за Скопје за првпат ќе добие ваков образовен објект, додека општина Центар за првпат ќе добие ново училиште по 47 години од изведбата на последното вакво здание. Во изминативе месеци се постави темелот на објектот и во моментов се изведува првата плоча. Досега се вградени 70 тони арматура, 526 кубици бетон и направен е ископ од 2.000 метри квадратни за собирање на подземните води. Монтирана е хоризонтална изолација и громобранска инсталација.

 

 

„Задоволни сме од текот на градењето, кое оди според планот и затоа очекуваме од учебната 2018-та година, 500-тини деца од 6 до 15 годишна возраст наставата да ја следат во најмодерното училиште. Таканаречената „Школа – парк“ ќе има вкупна површина од 12.000 метри квадратни, со ботаничка градина, кабинети со најсовремена опрема, подно греење и со спортски објекти“ истакна градоначалникот Жерновски. Самото училиште е најголемо по површина како објект од ваков вид што се гради на ниво на целата земја, додека од општина Центар уверуваат дека училиштето ќе биде едно од најубавите зданија и во рамки на земјите од регионот.

 

 

Финансиските средства за изградбата на новото училиште во Капиштец се обезбедени од општинскиот буџет, без поддршка од државата. Градоначалникот Андреј Жерновски пред повеќе од три години се одлучи да ја сопре изградбата на „барокната“ катна гаража кај НИП „Нова Македонија“ и парите од овој проект да ги пренасочи во изведбата на ова основно училиште.