Претходна статија
Фабриката во Дебар е најуспешна помеѓу 105 фабрики на Кнауф во светот
Следна статија
Наместо да се гради, охридската автобуска станица предмет на политички препукувања

Во Македонија нема ниту „З“ од зелена политика во транспортот

Објавено на 14.07.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Наместо да се доближува до политиките што ги спроведуваат земјите-членки на Европската унија, Македонија со секоја наредна година покажува нови нелогичности во развојот на транспортот. Како никогаш досега, стапката на моторизација на граѓаните во 2015 година се издигнала на највисоко ниво. Државниот завод за статистика во публикацијата „Одржлив развој, 2016 година“ посочува дека стапката на моторизација лани изнесувала 185 патнички возила на 1.000 жители, што е за 3,2% повеќе во споредба со годината пред неа. Истовремено, статистичарите пресметале дека автомобилот е најдоминантно превозно средство кај патничкиот копнен сообраќај. Податоците покажуваат дека дури 74% од вкупните патнички километри отпаѓаат на автомобилите.

 

 

 

„Зголемената побарувачка на автомобили директно влијае врз структурата на патничкиот копнен сообраќај, негативно се одразува врз животната средина и здравјето, особено што со голем број возила се превезуваат мал број патници“ посочуваат од Државниот завод за статистика. Возот и автобусот како превозни средства заедно оствариле само 26% од вкупниот број на изминати километри. Негативна насока е забележана и во товарниот превоз, каде лани само 4% од целокупната стока била транспортирана со воз до крајните дестинации. Ваква ниска стапка на железничкиот наспроти камионскиот превоз не е забележана никогаш во поновата историја на македонскиот сообраќај.

 

Во делот на потрошувачката на енергија во секторот транспорт, убедливо најголем удел има патниот сообраќај. „Во периодот 2000-2014 година, енергетската потрошувачка во патниот сообраќај се зголемуваше во просек за 3,3% годишно, достигнувајќи учество од 97% во енергетската потрошувачка во секторот транспорт во 2014 година. Учеството на железничкиот сообраќај е непроменето во текот на претходната декада, додека авионскиот сообраќај, иако учествува со мала енергетска потрошувачка, покажува тенденција на пораст“ се вели во годишниот извештај на Државниот завод за статистика.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk