Претходна статија
БЛИЦ ВЕСТ: Собранието ја доби првата купола
Следна статија
Се оформува надворешниот лик на Стариот театар, се потпишуваат нови договори за ентериерот

Во Македонија ќе се градат туристички зони по примерот на Сончев Брег и Златни Песоци

Објавено на 12.04.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Вицепремиерот Владимир Пешевски и министрите за економија и за транспорт и врски, Ваљон Сарачини и Миле Јанакиески, на денешната прес – конференција го претставија новиот предлог закон за привлекување на нови инвестиции во туризмот. Со веќе усвоената легислатива од владата се предвидува да се отворат осум туристички развојни зони со површина од 13 до 50 хектари во Струшкиот, Пелагонискиот, Дојранскиот и Охридскиот регион, кои до крајот на годинава треба да бидат урбанизирани. Во утврдените зони е предвидено да се градат хотелски комплекси, спа центри и останати објекти за задоволувањето на потребите на туристите, а од Владата засега не излегуваат со подробни информации за точните локации.

 

 

 

 

Според министерот Сарачини, со предложеното решение ќе се овозможат неколку предности за инвеститорите кои ќе се одлучат да градат во туристичките развојни зони, како што е ослободувањето од ДДВ за градежни материјали за изградба на објектите, државна помош за вложувањата повисоки од 10 милиони евра, ослободување од персоналниот данок во наредните 10 години, како и помош за обука и усовршување на вработените, до 50 отсто од трошоците за општа и 25 проценти за професионална надоградба.

 

Туристичките развојни зони ќе се градат на државно земјиште, додека сегментот што што е во приватна сопственост ќе се експропреира. Во периодот јули или август годинава ќе се распише првиот меѓународен јавен повик, а веќе е во тек подготовката на урбанистичко – планската документација за зоните. „Оној што ќе го купи земјиштето, односно што ќе биде корисник на зоната е должен да извади одобрение за градење во рок од 12 месеци, а објектите да ги изгради за 72 месеци, односно шест години“, изјави министерот Јанакиески. Градежните дозволи ќе ги издава Министерството за транспорт и врски и постапката ќе се врши во согласност со Законот за градење. Министрите напоменуваат дека допрва ќе се утврдува кој ќе биде надлежен за инфраструктурно уредување на градежното земјиште, дали локалната самоуправа или Владата.