Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски денеска го потпишаа договорот за рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во општина Куманово. Проектот ќе започне да се реализира во јануари 2016 година и ќе трае 18 месеци, со 12 месеци гарантен период. Со финансиски средства во износ од 5 милиони евра, во претстојниот период ќе се рехабилитира и проширува канализационата мрежа во Куманово во должина од 26 километри.
Инфраструктурниот проект ќе го спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со општина Куманово. Финансии се обезбедени преку Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА) и од државниот буџет.
Кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски посочи дека оваа општина е единствената во земјава каде што е изградена фабрика за отпадни води, со што претстојниот зафат ќе се допринесе за поквалитетна колекција на отпадните води. Истовремено, првиот човек на Куманово истакна дека санацијата на канализационата мрежа ќе допринесе и за реконструкција на патната инфраструктура во градот.