Општина Куманово денес објави оглас за пронаоѓање проектант што ќе го изготви основниот проект за изведба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа за природен гас со притисок од 4 бара. Инфраструктурната инсталација за дистрибуција на природен гас ќе има должина од 25 километри, со предвидена годишна потрошувачка на 1.500 метри кубни природен гас. Секундардната дистрибутивна гасоводна мрежа би се приклучила на мерно-регулаторната станица, при што основниот проект би се однесувал првенствено на дополнување на трасите на постоечката мрежа за нови приклучоци и делници низ Куманово.
Проектната документација е предвидено да се изработи во рок од 220 дена по потпишувањето на договорот со најповолниот изведувач. За изработката на основниот проект е проценето дека ќе се издвојат околу 4,4 милиони денари од општинскиот буџет на Куманово. Заинтересираните субјекти имаат можност да ги достават своите понуди најдоцна до 6 јуни, за кога е закажано и нивното јавно отворање.
Јавното претпријатие „Куманово-гас“ годинава располага со буџет од над 30 милиони денари, со кои е предвидено да се прошири постојната подземна мрежа за дополнителни 4 километри. Станува збор за гасоводна мрежа на улици околу градската болница во Куманово, а ќе продолжи и приклучувањето на нови објекти за домување кон постојната секундарна дистрибутивна мрежа на природен гас низ другите делови на градот.