Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалникот на општина Кичево Фатмир Дехари денеска потпишаа договор за изградба на пречистителна станица за отпадни води на територијата на оваа локална самоуправа. Со проектот треба да се обезбеди директна заштита на водите во општина Кичево, како и на реките Треска и Вардар. Предвидена е изградба на пречистителна станица со капацитет од 32.000 еквивалент жители, со можност за надоградување на капацитетот до 45.000 еквивалент жители.
Вкупната вредност на проектот изнесува 8.600.000 евра, кои се обезбедени преку Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА). Изградбата на пречистителната станица ќе започне во декември 2015 година и треба да се реализира во рок од 18 месеци. Овој проект ќе го спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со општина Кичево и ЈП „Комуналец“ од Кичево.