Здружението за заштита и унапредување на животната средина „Еко живот“ од Кавадарци денеска го започна собирањето потписи против изградбата на цинкара во градот. Еколозите со собирањето потписи сакаат да укажат дека се против изградбата на тешка загадувачка индустрија во Кавадарци. Реакциите на невладиниот сектор и на еколозите пристигнуваат само неколку недели по објавената информација на Министерството за животна средина и просторно планирање, во која се наведува дека кавадаречки „ИГМ Трејд“ доставил известување до министерството за намера за изведување на проектот.
Со проектот би се реализирало проширување на досегашното производство со инсталирање на линии за производство на челични заварени цевки, за топло преобликување и сечење на контури на табли лим и за профилирање на отворени профили. Еколозите најмногу ги загрижува намерата на инвеститорот да изгради комплекс од ладна валавница и цинкара за топло поцинкување на цевки и други челични производи. Од надлежното министерство треба допрва да одлучат дали ќе се изработи соодветна Студија за заштита на животната средина за планираниот проект, а на крајот од ова министерство ќе треба да ја издадат и еколошката дозвола пред да започне изградбата на идниот комплекс.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев вчера соопшти дека е против нарушувањето на квалитетот на живот на кавадарчани, нагласувајќи дека се согласува со ставот на советниците да не се дозволи изградба на загадувачка индустрија во Кавадарци. „Советот на општина Кавадарци едногласно изгласа против барањето за пренамена на земјиштето на ИГМ од Г2 во Г1. По ова прашање нема потреба повторно да се дискутира или да се прегласува“ напиша градоначалникот Јанчев на својот профил на „Фејсбук“.