Општина Карпош денес ја продаде парцелата со површина од 3.773 метри квадратни за изградба на уште една приватна болница пред Специјалната болница за хируршки болести „Филип Втори“. Идниот објект во населбата Карпош 3 е предвидено да се простира на 18.646 метри квадратни, кои во урбанистичкиот план се вметнати како здравствено здание со приземје и шест ката, со компатибилна класа на намена за хотел, мали комерцијални и деловни намени и за спортски активности. Локалните власти денес не излегоа со информации за тоа кој е купувачот на земјиштето, ниту пак колку компании учествувале на наддавањето.
Градежното земјиште е продадено по цена од 6.860 денари за метар квадратен, така што за целата парцела инвеститорот треба да плати 25.882.780 денари. Идната приватна болница ќе се гради на зелена површина, на локација на која до пред неколку години се наоѓаше Паркот на толеранцијата. По уплаќањето на финансиските средства, општина Карпош треба да го потпише купопродажниот договор за земјиштето. Инвеститорот има рок од девет месеци за да обезбеди одобрение за градење, додека здравствениот комплекс ќе треба да го изгради за најмногу 48 месеци од стекнувањето на градежна дозвола.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk