Претходна статија
Дополнителни 450 илјади евра за античките столбови на Министерството за правда
Следна статија
Новата зграда на Кривичниот суд проголта уште 790 илјади евра

Во јуни ќе се бараат концесионери за автопатите Скопје – Блаце и Гостивар – Кичево

Објавено на 11.02.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Автопатските делници од Скопје до Блаце и од Гостивар до Кичево и официјално ќе се градат преку изнаоѓање на концесионери што ќе инвестираат во нив, но и ќе ги собираат приходите од патарините. Неопходните документи и консултациите за подготовка на повикот за пронаоѓање концесионер се во завршна фаза, така што се очекува истиот да биде објавен на крајот на мај или почетокот на јуни, јавува скопската телевизија „Алфа“.

 

Новата автопатска делница која што со кинески кредит ќе се гради на потегот од Кичево до Охрид ќе премине во рацете на идниот приватен концесионер, бидејќи оваа делница е предвидена да се вклучи во пакетот за управување на целата траса на автопатот од Скопје до Охрид. На тој начин, додека концесионерот управува со автопатот од главниот град до Охрид, државата ќе ги враќа финансиските средства од кинескиот кредит за делницата од Кичево до Охрид. Исто како и оваа делница, концесионерот што ќе го гради автопатот од Скопје до Блаце ќе добие и некоја од атрактивните делници околу главниот град. Според информациите на телевизија „Алфа“, најверојатно пакетот ќе ја вклучува Скопската обиколница и делницата Скопје – Миладиновци. Ако се пронајдат инвеститори тогаш нивните имиња би се знаеле во 2015 година.

 

Агенцијата за државни патишта денеска информираше дека преку управувањето со патарините во текот на минатата година се обезбедиле приходи за државниот буџет во износ од една милијарда и 380 илјади денари или за 20% повеќе во споредба со 2012 година.

 

 

Агенцијата за државни патишта со нова интернет – страница roads.org.mk

 

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски денеска го промовираа новиот интернет – портал на оваа државна агенција, на која редовно ќе се објавуваат информации за состојбата на македонските патишта, ќе може да се разгледа петгодишната програма на Владата со планови за изградба на патната инфраструктура и ќе се овозможи увид во текот на изградбата на актуелните и на веќе реализираните проекти. Новата веб – страница ќе биде корисна за компаниите бидејќи на неа ќе бидат прикачени договорите за јавни набавки на оваа државна агенција, додека граѓаните преку овозможениот пренос во живо ќе имаат увид во фреквенцијата на сообраќајот на сите патарини и поголеми гранични премини во земјава.