Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и струмичкиот градоначалник Зоран Заев потпишаа договор за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Струмица. Вкупната вредност на овој инфраструктурен проект изнесува 8,4 милиони евра обезбедени преку Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА). Пречистителната станица ќе има капацитет за 53.500 еквивалент жители и ќе ги прочистува урбаните отпадни води во Струмица и во населените места Баница, Добрејци, Градско Балдовци, Сачево, Дабилје, Муртино, Просениково, како и отпадните води од економската зона во Сачево.
Со остварување на проектот ќе се придонесе кон подобрување на квалитетот на водите во реката Тракајна и реката Струмица, а ќе се обезбеди и заштита на Моноспитовското блато. Изградбата на пречистителната станица ќе започне во јануари 2016 година, по склучувањето на договорот за градење со избраниот понудувач. Целокупниот процес на изградба ќе трае 18 месеци и ќе заврши најдоцна до јули 2017 година, по што ќе следи гарантниот период од една година.