Општина Демир Капија продава градежно земјиште со површина од 17.021 метри квадратни за изградба на откупно – дистрибутивен центар за земјоделски производи во близина на селото Корешница. Почетната цена за отуѓување на огласената парцела е 61 денари за метар квадратен, односно вкупната почетна цена изнесува 1.038.281 денари. Пријавите за учество на електронското јавно наддавање, заедно со банкарската гаранција за сериозност на понудата, треба да се достават најдоцна до 16 јули.
Електронската лицитација на огласеното земјиште е предвидено да се одржи на 18 јули. Инвеститорот во идниот откупно – дистрибутивен центар во Демир Капија ќе има рок од 12 месеци за да прибави одобрение за изградба на овој објект. Компанијата е должна да го изгради овој значаен објект за земјоделците во временски период од 4 години по добивањето градежна дозвола за негова изградба.