Група граѓани за четврток закажаа протест против изградбата на Панорамското тркало. Активистите преку социјалните мрежи ги повикуваат сите граѓани да се придружат на мирниот протест и граѓанско собрание, кое што е планирано да се одржи со почеток од 18 часот. „Во четврток сакаме да им порачаме на одговорните дека Скопје не е Дизниленд и ова лудило мора да сопре. Продолжуваат да се градат контроверзни зданија и споменици без соодветна јавна дебата и консултација со жителите на овој град“, се наведува во објавениот повик до граѓаните.
Најавениот протест под мотото „Скопје не е Дизниленд“ ќе се одржи токму на локацијата каде што во моментов се гради Панорамското тркало. Настанот е само прв чекор на пошироката граѓанска иницијатива што ќе се одвива во претстојниот период. Иницијаторите планираат во четврток да одржат граѓанско собрание, на кое ќе се почне разговор за изработка на стратегија за натамошно дејствување против уништувањето на центарот на главниот град.