Во општина Чаир ќе се подигне една од поголемите џамии во Македонија. Градоначалникот на Чаир, Изет Меџити и поглаварот на ИВЗ, реис-ул-улема Сулејман Реџепи пред неколку дена ги поставија темелите на новото верско здание, во чии рамки се предвидени научно – едукативен центар, амфитеатар, библиотека, читална и останати содржини што ќе дадат поттик за проучување на исламот. Според тврдењето на веб – страницата на општина Чаир, овој верски храм ќе биде првиот во нашата земја кој ќе има верски и научен карактер. Дел од просториите во идниот објект ќе се користат и за образование на студентите кои ја изучуваат исламската теологија.
Новата џамија ќе има трапезоидна форма, со четири минариња и ќе биде лоцирана во населбата Топанско поле, во непосредна близина на Балканскиот универзитет и новиот комплекс на Државниот универзитет во Тетово.