Претходна статија
Електронската наплата на патарините одложена за напролет
Следна статија
Ќе се делат 22 нови локации за изградба на мали хидроелектрани

Во Битола паралелно ќе се работи на гасификација и топлификација на градот

Објавено на 28.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Битолската локална самоуправа уште еднаш се предомисли околу проектот за гасификација на градот. Општинските власти на почетокот од 2019 година планираат да објават тендер за изработка на проект за изведба на дистрибутивна гасоводна мрежа, во корелација со топлификацијата на градот. Проектантот ќе треба да изработи идеен и основен проект за гасификацијата на Битола, но притоа ќе мора да го земе во предвид и досегашниот нереализиран проект за повторно ставање во функција на топлификационата мрежа.

 

 

„Со оглед дека се работи за инсталација која има истоветна намена како и инсталацијата за природен гас, многу е важно истите да не се преклопуваат затоа што тоа е скапо и нецелисходно“, посочуваат од општина Битола во предложената тендерска документација. За да нема поништени тендерски постапки, локалната самоуправа овој пат најпрво објави повик за технички дијалог, кој им овозможува на заинтересираните фирми да се пријават на закажаниот состанок на 9 јануари 2019 година. Општина Битола до овој датум ги очекува и по писмен пат предлозите, мислењата и сугестиите на компаниите што сакаат да учествуваат на претстојниот тендер. Откако ќе се земат во предвид нивните укажувања, општинските власти ќе пристапат кон објавување на тендерската постапка за проектот.

 

Проектната документација за дистрибутивната гасоводна мрежа со максимална должина од 25 километри е проценето дека ќе чини околу 7 милиони денари. Сепак, проектантот ќе мора најпрво да изврши анализа на густината на изграденост на урбаните блокови, по што ќе мора да ги размени ваквите податоци со Електрани на Македонија, кои се одговорни за доведувањето на топлификацијата во градот. Заедничко координативно тело ќе ги синхронизира проектите за гасификација и топлификација, по што ќе се одлучи за кои делови од Битола е најсоодветно да се започне со доведување топлинска енергија, а каде најпрво ќе се гради приклучок за природен гас. Оние урбани блокови што ќе се одредат за воведување на топлификација, истовремено ќе бидат исклучени од проектирањето и изградбата на првата фаза од дистрибутивната гасоводна мрежа.

 

Битола годинава безуспешно се обидуваше да ја изработи неопходната документација за изградба на дистрибутивна гасоводна мрежа. Откако се увиде дека проектот за доведување на топлинска енергија од РЕК „Битола се поклопува со зафатот за гасификација на градот, локалните власти се одлучија преку новиот тендер да определат приоритетен извор на затоплување за секој одделен урбан блок засебно.