Урбанизација на просторот кај Бит – пазар со трајно решaвање на проблемот со паркирање. „Скопски пазар“ ќе инвестира во изградба на нов објект, која е најавено дека ќе започне во април. Општина Чаир во претстојниот период треба да го одобри предложениот проект, по што градските власти треба да дадат сопствено мислење. Со идејното решение за новиот Бит – пазар се обезбедува целосно покривање на пазарот, поставување на 1.000 нови тезги, целосно обновување на водоводната и канализационата инфраструктура, обезбедување на паркинг простор со капацитет од 230 возила и изградба на нов деловен простор со површина од 600 метри квадратни.
Современиот лик за Бит – пазар како проект е влезен во развојната инвестициска програма за 2016 година на „Скопски пазар“. Истовремено, компанијата ги поканува заинтересираните градежни фирми да достават свое портфолио, што претставува чекор кон избор на најповолен изведувач на работите. „Со реализацијата на овој проект за нашите ценети сограѓани ќе овозможиме нов модерен начин на пазарење, како и подобрување на функционалноста и условите за работење на корисниците“, истакнуваат од „Скопски пазар“.