Јавното претпријатие за државни патишта очекува завршување на првата фаза од изградбата на експресниот пат Штип – Кочани во текот на 2019 година. Како што информираат за „Билд“ од ова јавно претпријатие, во изминатиов период се завршени 40% од градежните активности за изградба на трасата од Штип до Крупиште во должина од 14,3 километри. На проектот вреден 20 милиони евра досега се завршени голем дел од земјаните работи, надпатниците и пропустите.
*Од овогодинешната изградба на експресниот пат Штип – Кочани; Извор на фотографија: Влада на Р.М.
Од ова јавно претпријатие очекуваат изведувачот да ги интензивира градежните работи, со што ќе може да се испочитуваат зацртаните рокови. Воедно, за втората фаза од изградбата на експресниот пат Штип – Кочани веќе се врши евалуација на пристигнатите понуди од градежните компании. Финансиската конструкција за изведба на трасата од Крупиште до Кочани е затворена, така што догодина се очекува почеток на градежните работи и на вториот сегмент од овој проект.
Експресниот пат Штип – Кочани ќе биде долг 28 километри, а широк 12 метри со четири коловозни ленти за минување на возилата. За разлика од постојниот пат, новата траса ќе минува надвор од населените места меѓу двата града, со што значително ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се забрза времето на патување. Новиот пат ќе се поврзе и со автопатот Миладиновци – Штип, со што граѓаните од крајните источни делови на земјава ќе можат многу побрзо да патуваат до Скопје. На трасата меѓу Штип и Кочани е предвидена изведба на 10 мостови и надпатници.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk