Долгогодишниот проблем на општина Струмица од недостаток на пречистителна станица за отпадни води за две години ќе биде надминат. Оваа локална самоуправа е вклучена во проектот на Европската унија – „Изградба на пречистителни станици во општините Радовиш, Кичево и Струмица“. Капиталниот инфраструктурен проект вреден 9,8 милиони евра се наоѓа во фаза на пронаоѓање на изведувач на градежните работи, за што е распишан меѓународен тендер со 21 септември како краен рок за доставување на понудите. До крајот на годинава ќе биде избрана компанијата што ќе ја гради пречистителната станица во Струмица.
По изборот на најповолниот понудувач, во периодот јануари – јуни 2016 година ќе се изработи основниот проект за објектот, додека изградбата на пречистителната станица ќе се реализира во периодот од јули 2016 до јули 2017 година. Финансиските средства се обезбедени преку неповратен грант од Европската унија. За проектот аплицираа Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за финансии, врз основа на конкурирањето на оваа општина со изготвената техничка документација и Студија за заштита на животната средина.