Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска испрати демант до build.com.mk во однос на вчерашната вест со наслов „Груевски вели дека „класицистичката“ палата на ЕЛЕМ е готова“. Нивното соопштение го објавуваме во целост:
„Текстот со наслов Груевски вели дека „класицистичката“ палата на ЕЛЕМ е готова, е преполн со политички квалификации кои не кореспондираат со реалноста, изобилувајќи со невистини и тенденциозност.
Никаде на фасадата ниту во внатрешноста нема скулптура на богот Зевс како што пишува во текстот, туку на Св. Илија кој е препознатлив и прифатен заштитник на субјектите кои се занимаваат со производство на електрична енергија, хидроцентрали и термоцентрали во регионот и пошироко.
Не е вистина дека во новата зграда на ЕЛЕМ ќе има спортска опрема, вклучувајќи ленти за трчање, статични велосипеди, маса за пинг понг и друга опрема, напротив поголемите простории ќе бидат адекватно искористени за сали за состаноци и во функција на работните потреби на компанијата.
Околу квалификациите застапени во текстот како тоа дека се шири елитизам со државни пари и слично, најдобар демант е дека се што досега е изградено од владата на ВМРО-ДПМНЕ останува во трајно наследство на Република Македонија и им припаѓа на сите граѓани на државата. Зградата на ЕЛЕМ ќе биде целосно во функција на работењето на претпријатието“ се наведува во соопштението на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.