Ќе се сместат ли студентите и универзитетските професори од скопскиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во владиниот проект „Скопје 2014“? Архитектот Жарко Чаушевски, автор кој што изработи мноштво „барокни“ идејни решенија за објекти од центарот на Скопје, ги освои двете втори награди за новите објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Овие зданија е планирано да се лоцираат на постоечката зелена површина во рамките на комплексот факултети на УКИМ, спроти трговскиот центар „Мавровка“. За вложениот труд во изготвувањето на двете архитектонски решенија, Министерството за образование и наука се одлучи на авторот Жарко Чаушевски да му додели две награди во вкупен износ од 600.000 денари.
Според објавените податоци на веб – страницата на Бирото за јавни набавки, архитектите доставиле вкупно 17 идејни решенија на распишаниот Конкурс кон средината на септември годинава. Од нив, за идното седиште на ФИНКИ биле доставени 7 конкурсни трудови, додека за објектот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се поднесени 10 архитектонски дела. Иако е вообичаено да се објавуваат подетални информации за севкупниот Конкурс, Министерството за образование и наука не се одважи да ги објави членовите на жири – комисијата што одлучувала за избор на најдобрите идејни решенија. Засега не се публикувани ниту визуелизации за идниот изглед на овие две зданија во склоп на комплексот факултети на УКИМ.
Бојан Блажевски